Германската полиција соопшти дека осум луѓе, вклучувајќи го напаѓачот, се убиени во синоќешното пукање во храм на Јеховини сведоци во Хамбург, а има и повредени, чија бројка не беше прецизирана. И натаму не се знае можниот мотив за нападот, кој го шокираше вториот по големина град во Германија.
Полицијата верува дека имало само еден напаѓач и дека тоа би можело да биде лицето кое беше пронајдено мртво во истата зграда.
„Синоќа во 21:15 часот добивме известување за пукање во зградата. Полицајците затекнаа луѓе сериозно повредени со огнено оружје. Тие потоа слушнаа истрел во горниот дел од зградата, каде што беше пронајдено едно лице. Засега нема назнаки дека имало други напаѓачи кои избегале“, изјави портпаролот на полицијата Холгер Ферен.
Тој додаде дека причините за пукањето се целосно нејасни.
„Слушнавме околу четири рафални истрели, со паузи од 20 секунди до една минута меѓу секој од нив“, изјави 23-годишната студентка Лара Баух, која живее во близина.
Јеховини сведоци има стогодишна историја и над 170.000 членови во Германија, а легален статус на голема религија има добиено во 2017.