Осуммина се повредени во судирите меѓу демонстрантите и полицијата на протестите против договорот за името во Грција, кусо откако тој беше потпишан во Псарадес (Нивици), на грчката страна на Преспа, објавија грчките медиуми. Протестите почнаа пред потпишувањето на договорот, во Писодери на патот што води од Преспа кон Лерин.
Група граѓани, меѓу кои и екстремни десничари, се обидоа да го пробијат полицискиот кордон, а полициските сили тоа го спречија. Потоа кон нив беа фрлени камења и предмети, на што полицијата возврати со солзавец.
Ситуацијата е тензична, и заради безбедност се евакуирани жените и децата од местото на протестите.
Поради протестите, во Псарадес се блокирани и новинарските екипи од Македонија и Грција кои известуваа од потпишувањето на договорот за решавање на спорот за името, што се случи пред 4 часа.