Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Гебрејесус, пристигна во Тенерифе за лично да ги смири граѓаните пред впловувањето на крузерот „МВ Хондиус“, на кој се појави епидемија на хантравирус. Тој изјави дека ризикот од инфекција за локалното население е многу низок и дека моменталната ситуација не е повторување на кризата со ковид-19.
Бродот, кој патува од Јужна Америка, се очекува да вплови во пристаништето Гранадиља во недела наутро. Досега се потврдени шест случаи на зараза меѓу патниците, вклучувајќи и еден од тројцата кои починаа за време на патувањето. СЗО верува дека станува збор за сојот „Андес“, кој вообичаено го пренесуваат глодари, но кај него е можна и меѓучовечка трансмисија. Симптомите на оваа болест вклучуваат висока температура, екстремен замор, болки во мускулите и стомакот, како и повраќање и отежнато дишење.
Во порака до јавноста, Гебрејесус рече дека го разбира стравот на луѓето кои уште се сеќаваат на болката од 2020 година, но уверува дека на бродот во моментот нема патници со симптоми. На „МВ Хондиус“ се наоѓа експерт на СЗО кој заедно со двајца холандски лекари врши постојани медицински прегледи и проценки на сите лица во пловилото.
Шпанската министерка за здравство, Моника Гарсија, соопшти дека патниците ќе бидат задржани на бродот и ќе го напуштат само со помали чамци во моментот кога ќе бидат подготвени нивните летови за репатријација. Предвидено е тие да бидат префрлени во Велика Британија, САД, Франција, Германија, Белгија и Ирска, додека Европската Унија ќе обезбеди два дополнителни авиона за останатите европски граѓани.
Иако пристигнувањето на бродот предизвика локални протести и политички реакции од десницата, Гебрејесус ја поздрави одлуката на шпанскиот премиер Педро Санчез како чин на солидарност и морална должност. Тој објасни дека островот е избран токму поради соодветните медицински капацитети и подготвеноста на локалната инфраструктура безбедно да ја спроведе оваа хуманитарна операција.



