Падна владата на бугарскиот премиер Кирил Петков, откако пред малку во бугарскиот парламент ѝ беше изгласана недоверба.
„За“ паѓање на владата на Петков гласаа 123 пратеника, а „против“ беа 116.
По изгласувањето недоверба, Петков се обрати пред пратениците.
„Беше чест за мене да водам влада која што беше бутната од Пеевски, Борисов и Трифонов. Ова е мал чекор од долг пат. Ви ветуваме дека ќе продолжиме со битката и еден ден ќе имаме Бугарија без мафија“, кажа Петков.
Паѓањето на владата на Петков е кулминација на политичката криза во Бугарија откако партијата Има таков народ (ИТН) на Слави Трифонов ја напушти владината коалиција на 8 јуни. Трифонов кажа дека ја напушта владата поради Македонија, тврдејќи дека Петков води паралелна надворешна политика од официјалната предводена од министерката за надворешни работи Теодора Генчовска, која е кадар на ИТН.
Пратениците на ИТН, без петмината кои во меѓувреме ја напуштија партијата, денеска заедно со пратениците на опозициските ГЕРБ и ДПС гласаа за рушење на владата на Петков.
Денеска во бугарскиот парламент требаше да се одржи расправа за францускиот предлог за подигнување на ветото за почеток на пристапните преговори на ЕУ со Македонија, но седницата на комисијата за надворешни работи беше одложена.
Засега не е јасно дали Петков ќе се обиде повторно да собере мнозинство во парламентот или ќе има ново мнозинство од досегашните опозициски партии ГЕРБ, ДПС, плус ИТН. Можни се и нови парламентарни избори, четврти во последниве две години.