Пакистан прогласи ден на жалост откако објави дека повеќе од 300 негови државјани загинале во потонувањето на преполниот рибарски брод покрај брегот на Грција минатата недела. Грчките власти потврдија дека во несреќата загинале 78 луѓе, а 104 се спасени, но се верува дека се исчезнати околу 500 луѓе, меѓу кои и многу деца.
Бродот потона во средата во еден од најдлабоките делови на Средоземното Море, 80 километри од јужниот грчки град Пилос. Тој претходно со денови пловел од Либија, а крајната цел била Италија.
„Оваа катастрофална несреќа ја нагласува итната потреба од решавањето и осудувањето на одвратниот чин на нелегална трговија со луѓе“, изјави претседателот на пакистанскиот Сенат, Мухамад Садик Санџрани.
Пакистан е среде една од најголемите економски кризи во последните децении, проследено со политички хаос во земјата. Бројни Пакистанци затоа се одлучуваат да тргнат по опасни патишта во потрага по подобра иднина.
Агенцијата за миграција на Обединетите нации кажа дека на бродот, кој упорно одбивал помош од грчките власти, имало 750 мажи, жени и деца, главно од Сирија, Авганистан, Египет и Пакистан. Во изминатите денови грчката крајбрежна стража се обвинуваше дека не сторила доволно за да му помогне на бродот, иако тој бил во меѓународните води.
Во врска со несреќата се уапсени деветмина Египќани, осомничени дека управувале со бродот, кои треба да се појават во суд во Грција.