Претседателот Емануел Макрон денеска ќе одржи нов кризен состанок на владата откако трета ноќ по ред имаше нереди и насилства низ земјата, како реакција на убиството на 17-годишно момче. Нахел М., кој имал алжирско и мароканско потекло, бил застрелан при рутинска сообраќајна контрола во париското предградие Нантер и полицаецот кој пукал му се извини на семејството. Тој и формално беше обвинет за убиство.
Министерот за внатрешни работи Жералд Дарманан изјави дека по последните протести се уапсени најмалку 667 луѓе.
„Полицијата и пожарникарите со голема храброст се соочија со ретко видено насилство, кое повторно ја обзеде земјата“, изјави Дарманан.
Властите распоредија 40.000 полицајци синоќа во обид да се спречат нереди, но повторно имаше палежи, уништувања и грабежи. Во Нантер, работничко гратче на западната периферија на Париз, демонстрантите палеа автомобили, поставуваа барикади и ја гаѓаа полицијата со пиротехника. Во центарот на Париз се искршени и ограбени бројни продавници и бутици, а имаше и судири со полицијата.
Снимките од социјалните мрежи покажуваат нереди и пожари низ речиси целата земја, во Марсеј на југот, Лил на северот, Рубез близу белгиската граница, како и во Дижон, Нант, Рен, Лион… Протести имаше и во Брисел, каде што се уапсени 15 луѓе.