Тимот на германскиот весник Зидојче Цајтунг што ја започна истрагата за таканаречените „Панамски документи“ е добитник на годинашната награда “Истражување на годината“ што ја доделува Глобалната мрежа на уредници.
Церемонијата на доделување на наградите за Документирано новинарство се одржа вечерва во балската сала на Ратхаусот, Градското собрание на Виена, на гала вечера чиј домаќин беше градоначалникот на Виена.
Од 64 финалисти наградите отидоа кај 11 истражувачки тимови во различни категории.
Наградата за „Истражување на годината“ е за глобалното истражување во кое се вклучени повеќе од 370 репортери од 80 земји. Истражувањето беше поттикнато од германскиот весник Зидојче цајтунг откако протекоа 11,5 милиони документи од панамската адвокатската фирма Мозак Фонсека, со што се открија оф-шор врските на 210.000 компании што ги кријат финансиите на милијардери, познати спортисти, политичари и јавни личности.
Зидојче Цајтинг ги сподели податоците со Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари па тие станаа достапни и за британскиот Гардијан и францускиот Ле Монд. Како последица на ова истражување кое се уште трае, премиерот на Исланд поднесе оставка, британскиот премиер ги објави своите даночни давачки за последните шест години за да ја докаже својата невиност во можна поврзаност со фирмата на татко му а швајцарската полиција спроведе два претреси, вклучувајќи една врз УЕФА.