По петгодишната реставрација по големиот пожар, катедралата Нотр Дам во Париз повторно ќе биде отворена со свечености на 7 и 8 декември. Во 860-годишната историја, Нотр Дам беше дом на на некои од најважните моменти во француската историја, од крунисувањето на Наполеон, до прославите по Втората светска војна и мисите за жртвите од терористички напади.
Францускиот претседател Емануел Макрон утре ќе оди во обиколка на катедралата пред нејзиното официјално отворање следниот викенд. Тоа ќе биде првиот поглед во внатрешноста на готичката црква по катастрофалниот пожар пред пет години и проектот за реставрација вреден 700 милиони евра.
Според протоколот за утре, Макрон и парискиот надбискуп Лоран Улри официјално ќе го затворат градилиштето околу катедралата и ќе им се заблагодарат на мајсторите, уметниците и вработените кои го овозможија повторното раѓање на Нотр Дам. Според Елисејската палата, речиси 2.000 луѓе работеа на градилиштето во текот на последните пет години, и „сите се поканети и ќе добијат благодарници“.
Според „Форбс“, ќе треба повеќе од еден ден за да се прослави настанот на достоинствен начин што го заслужува едно од најпознатите и најпосетуваните знаменитости на светското наследство, а да не го спомнуваме неговото религиозно значење низ вековите историја.
Свеченото отворање ќе го води Улри, а ќе дојдат претседатели на држави, верски претставници, донатори, познати уметници и личности, но не и папата Фрањо.