Големите булевари, величествените знаменитоси и полните кафулиња во Париз добија неугледен додаток оваа недела во вид на повеќе од 44.000 грди метални бариери. Привремените ѕидови се поставени во рамките на огромните безбедносни подготовки пред Олимписките игри, што се отвораат на 26 јули.
Имајќи ги предвид смртоносните терористички напади во блиското минато, властите вложија многу за да ги заштитат милионите туристи и спортисти кои ќе дојдат во градот овие денови.
Но, не се сите возбудени. Во услови кога важни метро станици се затворени и цели ленти од сообраќајниците се наменети само за потребите на Олимпијадата, игрите уште како се одразуваат врз животот на парижаните во следните недели. Ограничувањата ќе бидат најстроги пред петочната церемонија на отворањето, што ќе се одржи на реката Сена во присуство на 300.000 луѓе. Најавено е дека на улиците на Париз ќе бидат распоредени 75.000 припадници на обезбедувањето.
„Ова е најголемиот безбедносен предизвик со кој се соочила една земја во мирни услови“, кажа министерот за внатрешни работи Жералд Дарманан.
Во пресрет на церемонијата, затворен е најголемиот дел од мостовите на Сена и ограничен е пристапот до центарот на градот. Затворени се големи области покрај реката, што ги вклучува и Лувр, Нотр Дам и Ајфелова кула, каде што ќе може да се дојде само со специјална дозвола.
Иако навреме беа известени за сите ограничувања, парижаните, за кои се вели дека би освоиле златен медал ако жалењето би било олимписки спорт, се лути што нивните дневни активности се нарушени.
„Стана невозможно да се стигне до центарот“, изјави локален жител по име Рудолф.
Антоан, уште еден изнервиран велосипедист, кажа дека полицајците не го пуштиле да помине една контролна точка зашто кју-ар кодот што го добил не бил валиден за да може да ја премине Сена.
Продавниците и рестораните се жалат дека губат многу пари поради Олимпијадата и поставените бариери. Француските власти ветија дека ќе надоместат нешто од загубите.
„Париз е празен“, изјави сопственикот на една книжарница.