Партијата на Бојко Борисов го врати мандатот за составување на нова влада во Бугарија откако призна дека не успеала да пронајде коалициони партнери.
„Коалицијата ГЕРБ-СДС направи чесен, отворен и транспарентен обид да разговора со политички партии за формирање на нова влада. Имавме подготвен тим и предлог, но, за жал, партиите покажаа ароганција, неодговорност и политичка незрелост и одбија да разговараат со нас“, изјави кандидатот за нов премиер Даниел Митов откако му го врати мандатот на претседателот Румен Радев.
Тој најави дека во наредните денови ќе го довери мандатот на втората најголема парламентарна група. Второто место на изборите го освои партијата Има таков народ, основана пред една година од популарниот пејач, актер и шоумен Слави Трифонов.
„Се надевам дека политичките партии ќе го искористат времето за да се договорат. Бугарија има потреба од стабилна влада, зашто само легитимна влада може да ја изведе земјата од кризата“, кажа Радев.
ГЕРБ победи на изборите што се одржаа на 4 април, но притоа изгуби една четвртина од претходните пратенички места, а останатите партии кои влегоа во парламентот јасно кажаа дека нема да коалицираат со неа.