Во Грција се случија големи промени во опозицискиот блок по серија пребегнувања од левичарската партија Сириза, по што ПАСОК стана најголемата опозициска партија во земјата. Ова овозможува да се обнови потрадиционалната борба за политичкиот центар, што доминираше во грчката политика до должничката криза, која почна во 2009.
По неколку месеци внатрешни спорови и борби околу водството, Сириза остана со само 29 пратеници, два помалку од ПАСОК. Денеска уште двајца пратеници ја напуштија парламентарната група на Сириза.
Како официјална опозиција, ПАСОК ќе преземе повеќе придобивки, како повеќе време на парламентарната говорница и ќе се обиде да привлече гласачи на Нова демократија, која победи на изборите во 2019 и 2023.
„Одговорноста е голема, но ќе ги исполниме нашите зголемени парламентарни задолженија. На земјата ѝ треба политичка промена“, изјави портпаролот на ПАСОК, Костас Цукалас.
ПАСОК доминираше во грчката политика три децении, но ја изгуби поддршката откако во 2010 го потпиша првиот пакет за меѓународна помош во замена за строго штедење. Тоа го искористи Сириза, која дојде на власт во 2015, но по поразот на изборите во 2023, лидерот Алексис Ципрас поднесе оставка. На негово место дојде Стефанос Каселакис, кој не беше добро прифатен во партијата, што доведе до нејзино постепено распаѓање. Самиот Каселакис неодамна ја напушти Сириза и формираше своја партија.