Последната истрага на Пентагон за извештаите за неидентификувани летечки објекти сè уште не резултирала со доказ дека вонземјани некогаш ја посетиле или се урнале на Земјата. Сепак, напорите на Пентагон да истражи аномални, неидентификувани предмети, било во вселената, на небото или под водата, доведоа до стотици нови извештаи кои сега се испитуваат, соопшти министерството за одбрана на САД.
Во јуни 2021, канцеларијата на директорот на Националното разузнавање извести дека меѓу 2004 и 2021 имало 144 средби со НЛО, од кои 80 биле регистрирани со повеќе сензори.
„Досега не сме виделе ништо што би упатувало на тоа дека некој од овие предмети имал вонземско потекло“, изјави потсекретарот за разузнавање и безбедност Роналд Моултри.
Шон Киркпатрик, шефот на новоформираниот оддел на Пентагон за истражување вакви појави (ААРО), не ја исклучува можноста за постоење вонземски живот, но вели дека има научен пристап во истражувањето.
„Нашите анализи ќе бидат многу темелни и ригорозни. Ќе ги разгледаме сите извештаи, ги има уште многу“, кажа Киркпатрик.
ААРО беше востановен во јули годинава, со цел да се испитаат случаите кога воени пилоти виделе неидентификувани предмети, но се двоумеле дали да ги пријават.