Писателката Џин Керол го тужи Доналд Трамп за силување кое наводно се случило во 1990-ите. Седумдесет и осумгодишната Керол е една од првите која покрена тужба според новиот закон за преживеани за возрасни, кој денеска стапи на сила во американската сојузна држава Њујорк.
Преку овој закон, Њујорк им овозможува на жртвите на сексуален напад во рок од една година да поднесат тужба за случај кој инаку би бил застарен.
Трамп, кој неодамна ја објави третата кандидатура за претседател на САД, ги негира обвинувањата против него. Керол тврди дека нападот се случил во гардеробата на луксузна стоковна куќа во Њујорк пред 27 години.
Новиот закон им овозможува на жртвите да покренат тужба ако сексуалниот напад се случил кога имале повеќе од 18 години и е обликуван според њујоршкиот закон против злоставување деца. Тој стапи на сила во 2019 и оттогаш се поднесени 11.000 тужби против цркви, болници, училишта, кампови и други установи.