Доналд Трамп изјави дека минатата недела му рекол на Владимир Путин оти би сакал Русија да се повлече од воената агресија врз територии низ Европа, со надеж дека тоа би можело да доведе до брзо решавање на војната во Украина.
„За време на разговорите во Кина, посветив многу време на дискусија за тоа дека би сакал претседателот Путин да ја повлече сета воена агресија врз територии низ Европа, со надеж дека може да се постигне договор помеѓу Русија и Украина, и тоа брзо“, напиша Трамп на „Трут соушл“.
Трамп не објасни за каква агресија станува збор. Откако започна руската инвазија на Украина во 2022, други европски земји повремено ја обвинуваат Русија за провокативно однесување и саботажи.
Трамп го повтори својот став дека Путин сака да постигне договор, но призна дека непријателството со украинскиот претседател Володимир Зеленски ги отежнува преговорите.
Администрацијата на Трамп тврди дека директниот ангажман со двајцата лидери би можел да помогне во намалувањето на глобалните тензии, додека критичарите праашуваат дали Вашингтон врши доволен притисок врз Москва за ставање крај на конфликтот. Зетот на Трамп и посредник во преговорите, Џаред Кушнер, го нарече Путин „велемајстор на политиката“, велејќи дека тој покажал воздржаност со тоа што не употребил нуклеарно оружје.
Трамп го покани Путин на самитот на Г20 во Флорида следниот месец, но изрази сомнеж дека тој ќе присуствува. Од Кремљ соопштија дека сè уште не е донесена одлука за учеството на Путин.



