Герт Вилдерс, чија крајнодесничарска и антиисламистичка Партија на слободата шокантно победи на парламентарните избори во Холандија минатата година, призна дека нема да биде премиер зашто не доби поддршка од ниеден од можните коалициони партнери.
„Можам да станам премиер само ако сите партии од коалицијата го поддржат тоа. Тоа не е случај. Јас би сакал десничарска влада. Помалку имиграција и давање азил, Холанѓаните да бидат на првото место“, напиша 60-годишниот Вилдерс на Икс.
Партијата на слободата освои 37 пратенички места на изборите во ноември, недоволно да има мнозинство во парламентот и оттогаш преговараше со три потенцијални десничарски сојузници. Откако тие одбија да прифатат некои од неговите екстремни ветувања, Вилдерс беше принуден да се откаже од антиуставните мерки како забраната на џамиите, Куранот и муслиманските шамии, како и од референдумот „Негзит“ за излегување на Холандија од ЕУ. Сепак, можноста контроверзниот полемичар кој живее под полициска заштита од 2004 да стане премиер се покажа непремостлива пречка.
Засега е нејасно кој би бил нов, компромисен кандидат за премиер.