Почина едно од децата кои беа ранети во денешното пукање во школо во финскиот град Ванта близу Хелсинки. Полицијата претходно кажа дека во пукањето се ранети три деца на возраст од 12 години и дека е уапсен извршителот, кој исто така има 12 години.
Финските медиуми известија дека пукањето се случило во училница нешто по девет часот по локално време. Полицијата објави дека пристигнала во училиштето во рок од девет минути и дека веднаш ги згрижила трите жртви.
„Осомничениот напаѓач избега по пукањето и мирно беше приведен во северната населба Силтамаки во Хелсинки во десет часот. Од него беше одземено огнено оружје и тој призна дека го извршил нападот“, соопшти полицијата.
Ванта е четвртиот по големина град во Финска, а пукањето се случи во училиште што го посетуваат 800 деца.
Во Финска имаше две смртоносни пукања во училишта во 2007 и 2008, во кои беа убиени вкупно 18 луѓе.