ПОДНЕСЕНА ИНИЦИЈАТИВА ЗА ЗАБРАНА НА ЕМИТУВАЊЕТО НА СРПСКАТА ТЕЛЕВИЗИЈА „ИНФОРМЕР“, СТУДЕНТИТЕ БАРААТ ОСТАВКИ ВО РТС

    ПОДНЕСЕНА ИНИЦИЈАТИВА ЗА ЗАБРАНА НА ЕМИТУВАЊЕТО НА СРПСКАТА ТЕЛЕВИЗИЈА „ИНФОРМЕР“, СТУДЕНТИТЕ БАРААТ ОСТАВКИ ВО РТСГаздата на „Информер“, Драган Вучиќевиќ, е еден од главните медиумски сојузници на Вучиќ (Фото: принтскрин)

    Поради долгогодишно кршење на медиумските закони и професионалната етика, кампањи против дисиденти и пропагандна работа во корист на актуелната влада, во српското Регулаторно тело за електронски медиуми (РЕМ) денеска беше предадена иницијатива за започнување постапка за одземање на лиценцата за емитување на телевизијата „Информер“.

    Иницијатори се Фондацијата „Славко Ќурувија“ и уште 32 медиумски здруженија, граѓански организации, професори и истражувачи од универзитетите во Белград, Нови Сад и Ниш. Ова следува ден по упадот на група граѓани во зградата на „Информер“, кој со години е еден од главните сојузници на Александар Вучиќ.

    „ТВ ‘Информер‘ континуирано ги крши медиумските прописи, професионалните стандарди, уставот и ратификуваните меѓународни договори. Од своето основање, овој таблоид се профилираше како пропаганден инструмент на Српската напредна партија и е прв во однос на кршењето на етичките правила на професијата, ширењето дезинформации, говорот на омраза и во започнувањето валкани кампањи против дисиденти, независни новинари, активисти и членови на опозицијата. Иако минатата година беа поднесени 38 жалби против ТВ ‘Информер‘, не беа преземени никакви мерки“, се вели во соопштението на Фондацијата.

    Според нејзините податоци, во моментов се водат над 1.000 судски постапки против „Инсајдер тим“, издавачот на ТВ „Информер“, од кои повеќето се за прекршување на Законот за информации од јавен карактер и медиуми.

    Во исто време, студентите во блокада преку отворено писмо побараа оставки од раководството и главните уредници на Радио-телевизија Србија.

    Реформирањето на медиумската сцена во Србија и ослободувањето на јавниот сервис од политичка контрола се меѓу точките содржани во изборната програма на Студентската листа, која во неделата победи на парламентарните избори и го собори Вучиќ од власт.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира