Пет жени го обвинија покојниот шеф на „Хародс“, Мохамед Ал Фаед, за силување додека работеле во луксузната стоковна куќа во Лондон. Повеќе од 20 некогашни работнички рекле дека милијардерот сексуално ги нападнал, што вклучува и силување.
Документарниот подкаст „Ал Фаед: Предатор во Хародс“ собрал докази дека компанијата, додека била во сопственост на Ал Фаед, не само што не интервенирала, туку и помогнала да се прикријат тврдењата за злоставување. Сегашните сопственици на „Хародс“ велат дека се шокирани од обвинувањата и им се извинија на жртвите, за кои кажаа дека биле изнверени.
Покрај Лондон, вакви инциденти имало и во Париз, Сен Тропе и Абу Даби.
„Јас не сакав тоа да се случи. Не дадов согласност. Само сакав да биде готово“, изјави една од жените, која откри дека Ал Фаед ја силувал во неговиот стан во Лондон.
Друга жена изјави дека била силувана од милијардерот во нејзиниот стан во Лондон.
„Мохамед Ал Фаед беше чудовиште, сексуален предатор без морален компас. Вработените во ‘Хародс‘ беа негови играчки. Сите бевме многу уплашени“, рече таа.
Фаед, кој почина лани на 94 години, се соочи со вакви обвинувања уште додека беше жив, но тие не беа олку големи и сериозни.
Фаед ја почнал кариерата на улиците на Александрија, Египет, а својата бизнис империја ја изградил откако се оженил со ќерката на саудиски милионер и трговец со оружје. Во Велика Британија се преселил во 1974 и веќе бил добро позната јавна личност кога го купил „Хародс“ во 1985.