Џо Бајден се сретна со Доналд Трамп за првпат од неговата победа на претседателските избори минатата недела и му вети дека ќе има непречен трансфер на власта во јануари. Бајден го пречека новоизбраниот претседател во мирен амбиент во Овалната соба, оставајќи ги тензиите зад себе.
„Добредојдовте назад! Со нетрпение очекуваме да имаме непречена транзиција. Ќе се погрижиме да се сместите и да добиете се што е потребно“, му кажа Бајден на Трамп.
Трамп му возврати дека политиката е тешка.
„Во многу случаи тоа не е убав свет, но денеска е убав свет и многу ценам Џо што ќе имаме мазна транзиција на власта“.
Средбата беше остра спротивност на нивниот однос во изминатите години, па и во оваа кампања, од која Бајден се повлече и ѝ овозможи на Камала Харис да се кандидира. Бајден го прикажуваше Трамп како закана за демократијата, додека Трамп кажуваше дека Бајден е некомпетентен.
Трамп претходно ја прослави својата победа со републиканците во Претставничкиот дом, каде што тие имаат голема шанса да освојат мнозинство.