Американските власти објавија дека зградата на Конгресот е обезбедена, откако неколку часови порано таму упаднаа приврзаниците на Доналд Трамп, додека конгресмените одржуваа седница на која што Џо Бајден требаше да биде потврден за нов претседател на САД. На полноќ по македонско време, во Вашингтон на сила ќе стапи полициски час, но дел од демонстрантите и натаму се во зградата.
Светските лидери изразија згрозеност и ги осудија денешните насилни демонстрации во Вашингтон, насочени против резултатите на неодамнешните претседателски избори во САД. Шефот на полицијата на Вашингтон, Роберт Конти, изјави дека досега се уапсени 13 лица поврзани со нередите и дека демонстрантите користеле „хемиски иританти“ против полицајците.
„Ен-Би-Си“ објави дека жената која била застрелана во Конгресот починала, но засега нема други детали за овој инцидент. Еден 24-годишник се наоѓа во критична состојба откако паднал од десет метри височина во обид да се искачи на Капитол.
Демонстрантите ги пробија полициските барикади и упаднаа во Капитол набргу откако го ислушаа говорот на Трамп во паркот покрај Белата куќа. Заедничката седница на Сенатот и Претставничкиот дом веднаш беше прекината и би можела да продолжи уште ноќеска. До прекинот, Конгресот успеа да ги потврди изборните резултати од само две држави.
„Ова се работи кои се случуваат кога света, убедлива изборна победа грубо е одземена од големи патриоти кои долго време беа третирани лошо. Одете дома во мир и запомнете го овој ден засекогаш“, напиша Трамп на Твитер.