ПОЛИЦИЈАТА ИЗЛЕЗЕ НА УЛИЦИТЕ НА ГОЛЕМИТЕ КИНЕСКИ ГРАДОВИ ЗА ДА СПРЕЧИ НОВИ ПРОТЕСТИ ПРОТИВ КОВИД МЕРКИТЕ

    ПОЛИЦИЈАТА ИЗЛЕЗЕ НА УЛИЦИТЕ НА ГОЛЕМИТЕ КИНЕСКИ ГРАДОВИ ЗА ДА СПРЕЧИ НОВИ ПРОТЕСТИ ПРОТИВ КОВИД МЕРКИТЕДенеска немаше знаци на поголеми собири во Пекинг, Шангај и во други големи градови (Фото: Гети)

    Стивнуваат протестите против строгите ковид мерки во Кина, кои избија викендов, откако властите почнаа да преземаат мерки за нивно скротување. Силно полициско присуство е забележано во неколку града и денеска немаше знаци на поголеми собири во Пекинг, Шангај и во други големи градови.

    Од Кина доаѓаат извештаи и дека властите почнале истрага против некои учесници во протестите и дека се проверуваат телефони.

    Протестите почнаа по пожарот во станбена зграда во западниот град Урумки, кога загинаа најмалку десет луѓе. Се верува дека тие починале зашто не можеле да избегаат од зградата поради воведениот карантин, што властите го демантираат.

    Поради ова, илјадници луѓе излегоа на улиците во изминатите денови, барајќи укинување на карантините врз кои што се базира кинеската нулта ковид политика, а се слушаа и повици за оставка на претседателот Шји Џинпинг.

    Сепак, планираните протести во Пекинг вчера не се реализираа откако полицијата го окружи местото каде што се собираа демонстрантите, а во Шангај беа поставени големи бариери долж главната маршрута на протестите. Мал протест во јужниот град Хангжу бргу бил сопрен.

    Регионалните власти најавија олеснување на некои ковид мерки, но владата потврди дека останува посветена на својата нулта ковид стратегија, поради која некои области се во карантин со месеци.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира