Улиците на Париз и на уште осум француски градови ноќеска беа пусти откако на сила стапи нов полициски час, кој треба да помогне да се сопре ширењето на коронавирусот во земјата која е една од европските жешки точки.
Општата забрана за движење од 21 до шест часот опфаќа 20 милиони жители и ќе трае еден месец. Претседателот Емануел Макрон изјави дека оваа мерка е неопходна за да се избегне ризикот од пренатрупаност на болниците.
„Затворањето во 21 часот нема да има никаков ефект врз епидемијата, а многу луѓе ќе останат без работа. Ова е катастрофа“, изјави сопственикот на еден италијански ресторан во Париз.
Франција вчера регистрираше 32.427 нови случаи на зараза, што е нов дневен рекорд и дури 7.000 повеќе во однос на петокот.
И италијанскиот премиер Џузепе Конте ќе објави нови рестрикции денеска. Локалните медиуми пишуваат дека мета ќе бидат несуштински активности, како теретани, базени и аматерски спортски настани.