Барселона ја погодија поплави денеска, додека продолжуваат потрагата и спасувачките напори во Валенсија, каде што минатата недела загинаа најмалку 217 луѓе. Шпанската метеоролошка служба издаде црвена тревога за делови на Каталонија поради поројни дождови, при што снимки на социјални мрежи покажуваат делумно потопени автомобили на автопат.
Под вода се и делови од аеродромот „Ел Прат“ во Барселона, вториот по големина во Шпанија. Повеќе од 80 летови се откажани или одложени, а во прекин е и железничкиот сообраќај. Засега нема информации дека има жртви во Каталонија.
За тоа време, спасувачките екипи се во потрага по исчезнати луѓе во подземни паркинзи во Валенсија. Невремето начека многу луѓе во нивните автомобили на патишта и во подземни простори, како паркинзи, тунели и гаражи, каде што спасувачката акција тешко се одвива.
Се верува дека има заробени купувачи и вработени на паркингот на трговски центар во Алдаја, предградие на Валенсија, откако областа беше поплавена. Голем дел од просторот и натаму е потопен и неистражен.
Шпанското министерство за внатрешни работи денеска не кажа колку луѓе и натаму се водат како исчезнати.