Директорот на ЦИА, Џон Рeтклиф, разговарал со претставници на руското разузнавање за време на неговата посета на Москва, но не се сретнал со претседателот Владимир Путин, соопшти Кремљ.
Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, им изјави на новинарите дека Путин бил информиран за исходот од разговорите, кои се случија во време кога војната во Украина ескалира, а напорите за постигнување траен мировен договор помеѓу САД и Иран се во застој. Песков одби да открие за што се разговарало.
„Сè што можам да кажам е дека имало контакти преку безбедносните служби. Можам да ви кажам дека немало средби со рускиот претседател“, рече Песков.
Запрашан дали посетите на вака високи американски функционери би можеле да помогнат во подобрувањето на односите помеѓу САД и Русија, Песков одговори дека контактите помеѓу разузнавачките агенции на двете земји се позитивна работа.
„Сè уште е рано да се каже до кој степен ова ќе помогне да се извлечат нашите билатерални односи од длабоката криза во која се наоѓаат“, кажа тој.
Ретклиф ненајавено пристигна во Москва вчера, патувајќи со голем воен транспортен авион од САД преку Латвија. Целта на патувањето останува мистерија и за американските медиуми, додека Белата куќа сè уште се нема огласено.



