Висок претставник на Европската агенција за лекови (ЕМА) изјави дека постои јасна врска помеѓу вакцината на „АстраЗенека“ и редок тип на тромбоза, но причината за тоа засега не е позната.
„Според мое мислење, сега можеме да кажеме дека е јасно дека постои врска со вакцината. Но, засега не знаеме што ја предизвикува таа реакција“, изјави Марко Кавалери, шефот за вакцини во ЕМА, за италијанскиот весник „Ил Месаџеро“.
Тој кажа дека Агенцијата наскоро и официјално ќе се огласи за ова.
Минатата недела, ЕМА соопшти дека ќе објави обновена препорака за вакцината на состанокот на комитетот за безбедност, што почнува денеска и трае до петок.
Германија, Италија, Франција, Шпанија и Холандија се меѓу европските земји кои ја ограничија употребата на оваа вакцина на одредена возрасна група, откако биле регистрирани десетици случаи на тромбоза поврзани со неа.
„Се обидуваме да добиеме појасна слика за тоа што се случува. Меѓу вакцинираните има повеќе случаи на мозочна тромбоза, кај младите повеќе од очекуваното“, изјави Кавалери.