Премиерите на Чешка, Полска и Словенија отпатуваа со воз за Киев за да ја искажат поддршката на Европската Унија за Украина. Тие се првите странски лидери кои ќе ја посетат Украина од почетокот на руската инвазија на 24 февруари.
Киев и утрово беше цел на руски ракетирања и итните служби кажаа дека две лица загинале кога била погодена една станбена зграда.
Полскиот премиер Матеуш Моравјецки напиша на Фејсбук дека „патот за Киев се случува на 20. ден од криминалната агресија на Владимир Путин на Украина“.
„Во вака пресвртни времиња за светот, наша должност е да бидеме таму каде што историјата се кова. Ова е за иднината на нашите деца кои заслужуваат да живеат во свет без тиранија“, напиша Моравјецки.
Од неговиот кабинет кажаа дека делегацијата ја поминала полско-украинската граница со воз во осум часот. Друштво на Моравјецки му прават чешкиот и словенечкиот премиер Петр Фјала и Јанез Јанша, како и полскиот вицепремиер Јарослав Качински.