Француската премиерка Елизабет Борн се наоѓа под притисок да поднесе оставка по само еден месец на функцијата, откако коалицијата на Емануел Макрон го изгуби апсолутното мнозинство во Националното собрание по вчерашниот втор круг на парламентарните избори. Таа кажа дека резултатот на изборите создал необична ситуација која претставува ризик за земјата.
Таборот на Макрон денеска се обидуваше да обезбеди поддршка од ривалите со цел да спаси дел од планираните реформи откако вчерашните избори резултираа со расцепкан парламент, што може да доведе до политичка парализа. Коалицијата Заедно остана најголемата сила во парламентот, но освои само 245 од потребните 289 места, додека одличните резултати им даваат голема моќ на левата алијанса на Жан-Лик Меланшон (131 место) и на Националниот фронт на крајната десничарка Марин Ле Пен (89).
„Ќе биде комплицирано. Ќе мора да бидеме креативни. Ќе се обидеме да убедиме други да ни се придружат, особено оние умерените“, изјави портпаролката на владата Оливија Грегоар.
Макрон порача дека сите министри кои не влегоа во парламентот ќе мора да поднесат оставка, што не е случај со Борн. Грегоар сепак кажа дека ниту Борн не е сигурна.
„Вака расцепкан парламент ќе резултира со политички застој и со забавување на реформите. Тоа веројатно ќе ја ослабне позицијата на Франција во Европа и ќе ја загрози фискалната политика на земјата, која и онака е слаба“, изјави аналитичарот Филип Гуден.