Лидерот на конзервативците Петери Орпо ја порази премиерката Сана Марин на вчерашните тесни парламентарни избори во Финска.
„Го добивме најголемиот мандат“, изјави претседателот на партијата Национална коалиција по драматичната ноќ, во која Социјалдемократите на Марин постепено се оддалечуваа од победата.
Орпо обезбеди 20,8% гласови, пред десничарската Партија на Финците, која го оствари најдобриот резултат досега со освоените 20,1% гласови. Партијата на Марин заврши на третото место со 19,9% гласови.
Ова е горчлив пораз за 37-годишната Марин, која продолжи да ужива висок рејтинг и беше фалена за водењето на земјата низ пандемијата на ковид-19 и за брзиот пат на Финска кон НАТО. Таа го призна поразот на изборите.
Со недели, трите партии беа речиси израмнети во анкетите и како што се објавуваа резултатите, беше тешко да се прогласи победникот. Големи порази забележаа и останатите три партии кои беа дел од владејачката коалиција.
„Мислам дека финскиот народ сака промена“, изјави 53-годишниот Орпо.