Премиерот на Исланд даде оставка – првата поголема жртва на протекувањето на Панамските документи што фрлија срамно светло врз светот на офшор финансиите. Протекувањето на документите од панамската адвокатска фирма Мосак Фонсека покажа дека исландскиот премиер Сигмундур Гунлаугсон има офшор компанија, „Винтрис“, заедно со сопругата. Тој беше обвинуван дека затаил семејно богатство вредно милиони долари.
Голем протест се одржа денес пред Парламентот во Рејкјавик. Според информациите, министерот за земјоделие ќе биде нов премиер. Гунлаугсон претходно побара од претседателот Олафур Рагнар Гримсон да го распушти парламентот, но тој одби и рече декла сака прво да зборува со партиите.
„Мислам дека не е нормално премиерот сам да го добие овластувањето да го распушти парламентот без парламентарното мнозинство да биде задоволно со таа одлука“, рече тој, а многумина оваа одлука ја сметаат за многу необична.
Голем број важни личности од светот се именувани во документите на Мосак Фонсека. Франција ја врати Панама на листата земји кои не соработуваат за откривање даночно затајување. Министерството за правда на САД ги истражува документите заради докази за корупција која може да се гони во САД. Панамскиот претседател рече дека владата има нула толеранција за незаконски финансиски активности и ќе соработува со која било истрага во секоја земја.