Премиерот Бенјамин Нетанјаху постави пример и прв во Израел прими вакцина против ковид-19, означувајќи го почетокот на амбициозната кампања на вакцинирање во земјата.
„Мала инјекција за човек и голем чекор за здравјето на сите“, изјави 71-годишниот Нетанјаху, парафразирајќи ги славните зборови на Нил Армстронг од слетувањето на Месечината.
Нетанјаху се вакцинираше во живо пред камери и го опиша моментот како голем ден за Израел.
„Ја напуштаме темницата на коронавирусот и почнуваме патување кон голема светлина. Можеме да бидеме прва земја која ја победила пандемијата ако сите се вакцинираме“, кажа тој.
Веднаш по него се вакцинираше и министерот за здравство Јули Еделстајн.
Нетанјаху вети дека милиони дози од вакцината на „Фајзер/Бионтек“ ќе пристигнат до крајот на месецот. Израел планира да вакцинира 60.000 луѓе на ден. Во земјата досега се потврдени повеќе од 368.000 случаи на коронавирус, а починале над 3.000 лица.