Доналд Трамп стана само трет претседател во историјата на САД кој бил отповикан во Претставничкиот дом и сега случајот се префрла во Сенатот, каде што ќе се реши дали тој останува во Белата куќа.
Домот гласаше по две обвиненија: дека Трамп ја злоупотребил моќта и дека ја попречувал работата на Конгресот и по двете точки речиси сите демократи гласаа „за“, исто како што речиси сите републиканци беа „против“, за на крајот резултатот да биде 230:197. Додека се одвиваше гласањето, Трамп држеше говор на еден митинг.
„Додека ние создаваме работни места и се бориме за Мичиген, радикалната левица во Конгресот е обземена од завист, омраза и гнев и гледате што се случува“, кажа Трамп.
Белата куќа издаде соопштение во кое што кажа дека „претседателот е сигурен дека ќе биде целосно ослободен од Сенатот“.
Ова гласање треба да се случи наредниот месец и таму мнозинство имаат републиканците, па се очекува Трамп да остане претседател. Претходно, и Бил Клинтон и Ендрју Џонсон беа отповикани во Претставничкиот дом, но сепак останаа на функцијата.
Демократите ја покренаа истрагата за импичмент откако се дозна за телефонски повик на Трамп кон украинскиот претседател Зеленски, во кој бара од него да отвори истрага за корупција против претседателскиот кандидат на Демократите Џо Бајден и неговиот син Хантер, заканувајќи се дека во спротивно, ќе ја откаже веќе договорената воена помош од 400 милиони долари.
На гласањето му претходеше десетчасовна жестока дебата, во текот на која републиканците го споредија импичментот со распнувањето на Исус и со јапонскиот напад на Перл Харбур во Втората светска војна.