ПРЕТСТАВНИЧКИОТ ДОМ ИЗГЛАСА ЗАБРАНА НА ТИКТОК ВО САД

    ПРЕТСТАВНИЧКИОТ ДОМ ИЗГЛАСА ЗАБРАНА НА ТИКТОК ВО САДТикТок има 170 милиони корисници во САД (Фото: АП)

    Претставничкиот дом на американскиот Конгрес со големо мнозинство усвои предлог-закон со кој од кинескиот сопственик на ТикТок „Бајтденс“ се бара да ги продаде своите акции во платформата во рок од шест месеци или таа ќе биде забранета во САД. Законот сега оди во Сенатот, но неизвесно е дали и таму ќе успее да собере доволно гласови за да може забраната да стапи на сила.

    Американските функционери долго време изразуваат загриженост за ТикТок, сметајќи дека е потенцијално опасен за националната безбедност. Сопствениците на ТикТок постојано ги отфрлуваат обвинувањата дека оваа апликација претставува ризик.

    ТикТок, кој има 170 милиони корисници во САД, е во сопственост на фирмата „Бајтденс“, која има седиште во Пекинг, но е регистрирана на Кајмански Острови.

    Ако забраната стапи на сила, на компании како „Епл“ и „Гугл“ ќе им биде наредено да ја тргнат апликацијата од својата понуда и луѓето веќе нема да можат да ја даунлодираат.

    Законодавците тврдат дека „Бајтденс“ ѝ е должник на кинеската влада, која може да бара пристап до податоците на корисниците на ТикТок во САД во секое време. Загриженоста произлегува од збирот кинески закони за национална безбедност кои ги принудуваат организациите да помагаат при собирањето разузнавачки информации.

    Му дадовме јасен избор на ТикТок: да се оддели од својата компанија ‘Бајтденс‘ која ѝ одговара на Кинеската комунистичка партија и да остане оперативен во САД или да остане со Кинеската комунистичка партија и да се соочи со последиците“, изјави републиканската конгресменка Кети Мекморис Роџерс.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира