СО ПРИЈАТЕЛИ КАКО ТРАМП, НЕ ТИ ТРЕБААТ НЕПРИЈАТЕЛИ, КАЖА ДОНАЛД ТУСК НА САМИТОТ НА ЕУ ВО СОФИЈА

    СО ПРИЈАТЕЛИ КАКО ТРАМП, НЕ ТИ ТРЕБААТ НЕПРИЈАТЕЛИ, КАЖА ДОНАЛД ТУСК НА САМИТОТ НА ЕУ ВО СОФИЈАЕвропа конечно сфати дека веќе не треба да се потпира на помош од САД. - Доналд Туск и Доналд Трамп (Фото: Ројтерс)

    Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, предупреди на каприциозните акции на Доналд Трамп, додека лидерите на Европската Унија се подготвуваат да дискутираат како да реагираат по излегувањето на САД од иранскиот нуклеарен договор и на заканите од новите тарифи на челикот.

    „Ако ги погледнете последните потези на Доналд Трамп, некој би можел да помисли дека со такви пријатели не ти требаат непријатели. Благодарение на каприциозниот Трамп, ние се ослободивме од сите илузии. Сфативме дека ако ни треба помош, мора сами да го направиме тоа. Мора да бидеме подготвени сами да дејствуваме“, изјави Туск во пресрет на самитот на лидерите на ЕУ во Софија.

    Таму, меѓу другото, ќе се дискутира за тоа како Европската Унија да реагира на заканите од Трамп дека ќе им наметне санкции на европските компании кои ќе продолжат да соработуваат со Иран. Туск кажа дека ќе се бараат начини како да се заштитат компаниите од САД.

    „Европската комисија ќе биде подготвена да реагира секој пат кога ќе бидат нападнати европските интереси. Апсурдно е да се верува дека Европската Унија би можела да биде закана за САД“, изјави Туск.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари