ПРИМИРЈЕТО ВО ГАЗА ТРЕБА ДА ПОЧНЕ УТРЕ, ИЗРАЕЛСКИТЕ ВОЗДУШНИ НАПАДИ НА СЕВЕРОТ НЕМА ДА ЗАПРАТ ВО ЦЕЛОСТ

    ПРИМИРЈЕТО ВО ГАЗА ТРЕБА ДА ПОЧНЕ УТРЕ, ИЗРАЕЛСКИТЕ ВОЗДУШНИ НАПАДИ НА СЕВЕРОТ НЕМА ДА ЗАПРАТ ВО ЦЕЛОСТХамас од своето заложништво ќе ослободи 50 жени и деца, по десетина секој ден (Фото: АП)

    Четиридневното примирје во Газа, договорено со посредство на Катар, Египет и САД, треба да почне утре во 10 часот по локално време, објави Хамас и треба да доведе до ослободување на 50 заложници и 150 палестински затвореници.

    Планирано е за тој период да запрат сите израелски воздушни напади на југот на Газа, додека на северот, паузата ќе трае само од 10 до 16 часот секој ден. Израелските трупи и тенкови треба да останат на своите позиции на територијата на целиот појас и Хамас кажа дека израелските сили нема да напаѓаат и апсат додека трае паузата во борбите.

    „Ние ова не го нарекуваме примирје, туку оперативна пауза. Засега не ги знаеме сите детали како ова ќе се спроведува“, изјави портпаролот на Израелските одбранбени сили, Ричард Хехт.

    Што се однесува до хуманитарната помош, договорено е преку преминот Рафа секој ден да влезат по 200 камиони со помош, четири цистерни со гориво и четири камиони со гас.

    Израелската влада понуди и дополнителен ден примирје за секои нови десет ослободени заложници.

    Израел објави листа со 300 палестински затвореници кои би можеле да бидат ослободени. Меѓу нив има и тинејџери осудени за фрлање камења или за нарушување на јавниот ред. Во израелските затвори моментално лежат околу 7.000 Палестинци. Хамас од своето заложништво ќе ослободи 50 жени и деца, по десетина секој ден.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира