НАСА објави дека двајцата астронаути заглавени на Меѓународната вселенска станица (ИСС) ќе мора да почекаат уште подолго за да се вратат дома.
Буч Вилмор и Сани Вилијамс требаше да останат само неколку дена откако летнаа во вселената во јуни, но нивниот престој принудно беше продолжен до февруари поради технички проблеми на нивната експериментална капсула „Старлајнер“ изградена од „Боинг“. Сега, поради одложувањето на лансирањето на нова капсула кон ИСС, тие нема да можат да се вратат на Земјата до крајот на март или почетокот на април.
НАСА кажа дека одложувањето не претставува ризик за астронаутите.
„Меѓународната вселенска станица прими два лета со залихи во ноември и е добро снабдена со се што му треба на екипажот, вклучувајќи храна, вода, облека и кислород. Вселенското летало за снабдување исто така носело специјални предмети за екипажот да ги прослави празниците на орбиталната платформа“, кажа НАСА.
Вселенските мисии вообичаено траат по шест месеци, некои и до една година, па експертите велат дека подолгото останување на Вилмор и Вилијамс нема да биде проблем. Пред да се вратат, потребно е да пристигне нов четиричлен екипаж на ИСС, што првично беше планирано за февруари 2025. Сепак, „СпејсЕкс“ побара одложување поради подготовките на нова капсула „Дрегон“ за оваа мисија.