Американскиот претседател Џо Бајден им рекол на сојузниците дека проектилот што вчера падна во Полска и уби две лица бил од украинската противвоздушна одбрана, изјави извор од НАТО. Бајден претходно кажа дека е малку веројатно дека проектилот бил испукан од Русија.
И полскиот претседател Анджеј Дуда кажа дека експлозијата најверојатно е предизвикана од проектил од украинската противвоздушна одбрана.
„Нема назнаки дека ова е намерен напад, веројатно станува збор за несреќен инцидент“, кажа Дуда.
Амбасадорите на НАТО денеска ќе одржат итен состанок на кој ќе се дискутира за вчерашната експлозија во полското село Пжеводов близу украинската граница, која се случи среде жестокото руско ракетирање на Украина. Киев кажа дека притоа биле испукани најмалку 85 проектили, од кои голем дел биле соборени од противвоздушната одбрана. Меѓу нападнатите региони бил и Волин, кој граничи со Полска.
Руското министерство за одбрана тврди дека ниеден руски проектил не паднал поблиску од 35 километри од полската граница, додавајќи дека остатоците од ракетата снимени во Пжеводов укажуваат на тоа дека станува збор за украински противвоздушен проектил „С-300“.
„Русија нема ништо со овој инцидент, кој е предизвикан од противвоздушен систем ‘С-300‘“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков.