ПРОРУСКИОТ РАДЕВ ЌЕ ГО БОЈКОТИРА САМИТОТ НА НАТО ВО ВАШИНГТОН ПОРАДИ ПОДДРШКАТА ЗА УКРАИНА

    ПРОРУСКИОТ РАДЕВ ЌЕ ГО БОЈКОТИРА САМИТОТ НА НАТО ВО ВАШИНГТОН ПОРАДИ ПОДДРШКАТА ЗА УКРАИНАБугарскиот претседател Румен Радев се противи на помошта што НАТО ја испраќа во Украина и се обидува да ја блокира. (архивска фотографија)

    На историскиот самит следната недела во Вашингтон, НАТО ќе прослави 75 години од формирањето и лидерите на земјите членки ќе расправаат околу стратегијата како понатаму да ѝ помогнат на Украина да се одбрани од руската агресија. Лидерите на 32 земји членки, вклучувајќи ја и Македонија, ќе присуствуваат на самитот од 9-11 јули.

    Видно отсутен ќе биде бугарскиот претседател Румен Радев, кој вели дека не се согласува со позицијата на бугарската влада во врска со поддршката за Украина во војната против Русија. Во Вашингтон ќе отпатува само техничкиот премиер Димитар Главчев, иако беше планирано двајцата да одат заедно.

    Бугарија во средата не успеа да избере нова влада, откако парламентот не го одобри предложениот кабинет од страна на ГЕРБ, предводен од мандатарот Росен Жељазков. Во Бугарија се одржаа 6 избори изминативе 3 години и ниту еднаш не се избра стабилна влада.

    Радев, чија што претседателска функција е главно церемонијална, јасно кажува дека не поддржува испраќање оружје во Украина, тврдејќи дека со тоа само се продолжува војната, додека владата е во линија со политиката на НАТО и испраќа воена помош во Украина.

    Делјан Пеевски, лидерот на ДПС и еден од најгласните критичари на Радев, вели дека неговото одбивање да оди на самитот на НАТО е потврда дека Радев им служи на странски интереси и има врски со Истокот, спротивно на евроатлантските вредности и принципи.

    Самиот Пеевски, пак, е на црна листа на САД и Велика Британија поради обвинувања за корупција.

    Други во Бугарија се задоволни што Радев нема да оди во Вашингтон, бидејќи сметаат дека бугарскиот претседател може да го искористи собирот како платформа за неговите проруски ставови.

    „За да најдеме позитивен момент во целата слика, барем не мораме да се грижиме дека Бугарија ќе има нејасна позиција на собирот во Вашингтон. Инаку, ќе требаше нервозно да чекаме да видиме како претседателот ќе ја претставува нашата национална позиција ако беше официјален претставник на Бугарија во Вашингтон“, вели Елена Поптодорова, поранешен бугарски амбасадор во Вашингтон.

    Радев се противи на помошта што НАТО ја испраќа во Украина и се обидува да ја блокира, со тврдење дека тоа може да предизвика поширок конфликт, наратив што го делат и други проруски политичари.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира