ПРОРУСКИТЕ БУНТОВНИЦИ ОБЈАВИЈА ЕВАКУАЦИЈА НА ДОЊЕЦК И ЛУГАНСК

    ПРОРУСКИТЕ БУНТОВНИЦИ ОБЈАВИЈА ЕВАКУАЦИЈА НА ДОЊЕЦК И ЛУГАНСКВо изминатите два дена има интензивни гранатирања долж линијата на разграничувањето во источна Украина (Фото: АП)

    Проруските сепаратисти прогласија изненадувачка евакуација на нивните отцепени региони во источна Украина, додека западните земји предупредуваат дека Русија ќе почне инвазија во наредните денови, за што би можела да има измислен повод. Сирените за тревога се огласија денеска во Доњецк, главниот град на еден од двата бунтовнички региона.

    Првиот човек на регионот Денис Пушилин кажа дека Русија се согласила да ги смести оние што ќе избегаат и додаде дека жените, децата и старите лица први ќе бидат евакуирани. И другиот самопрогласен регион Луганск даде исто известување.

    Се верува дека милиони цивили живеат во двата региона. Повеќето зборуваат руски и веќе имаат добиено руско државјанство.

    Агенцијата „Интерфакс“ објави дека првите автобуси за евакуација ќе тргнат кон Русија до 20 часот по локално време. Евакуацијата беше објавена откако во изминатите два дена проруските бунтовници и украинските владини сили се обвинуваа за интензивни гранатирања долж линијата на разграничувањето. Западните земји веруваат дека бомбардирањето е дел од сценариото да се оправда руската инвазија. Утрово биле регистрирани 600 експлозии, стотина повеќе од вчера, при што имало и тенковски проектили.

    И додека Русија тврди дека почнала да ги повлекува своите трупи од границата со Украина, Вашингтон вели дека бројот на руските војници се зголемил до 190.000.

    „Ова е најзначајната воена мобилизација во Европа од Втората светска војна“, кажа американскиот амбасадор во ОБСЕ, Мајкл Карпентер.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира