Словенија го потврди првиот случај на мајмунски сипаници, со што продолжува најголемото ширење на оваа болест надвор од Африка досега. „Н1 Словенија“ објави дека пациентот не е хоспитализиран на Инфективната клиника во Љубљана, па веројатно станува збор за поблага форма на болеста.
Сајтот објави дека заразениот е маж кој неодамна се вратил од Канарските Острови, со кои се поврзуваат бројните случаи на зараза во Шпанија.
Научниците се изненадени од ширењето на оваа болест во развиените земји, зашто е карактеристична за зафрлени делови на централна и западна Африка. Станува збор за ретко вирусно заболување кое вообичаено е благо и заразените заздравуваат за неколку недели. Вирусот не се пренесува така лесно помеѓу луѓето, па ризикот од поголемо ширење е многу мал.
Досега се регистрирани повеќе од 100 случаи во Европа, Америка и Австралија, но Светската здравствена организација кажа дека ширењето на вирусот може да се скроти.
„Ова е ситуација што може да се скроти. Пренесувањето се случува при контакт кожа со кожа и во најголем број случаи заболувањето е благо“, изјави Марија фан Керкхофе, шефицата на Одделот за новонастанати болести во СЗО.
Од СЗО велат дека нема докази дека вирусот мутирал во позаразен сој.