Одлуката на Грција да не се согласи со заедничкото писмо на 27 членки на Европската унија за отворање на првото поглавје од пристапните преговори со Албанија претставува значајна ескалација на тврдиот став кон Тирана поради нарушување на правата на Фреди Белери, етнички Грк кој беше притворен пред неговиот избор за градоначалник на Химара на изборите во соседната земја, објави „Катимерини“.
Првото поглавје од преговорите се основни прашања кои што секоја кандидатска земја мора да ги реши и вклучуваат пет глави кои се однесуваат на: судската власт и основни права, правда, слобода и безбедност, јавни набавки, статистиката и финансиската контрола.
Компликациите во грчко-албанските односи предизвикани од случајот Белери беа споменати со имплицитна, но јасна референца во редовниот годишен извештај на Европската комисија за напредокот на кандидатските земји, објавен пред неколку дена.
Атина на сите можни нивоа бара на Белери му се обезбеди можност за полагање на заклетвата како градоначалник на Химара, нешто што досега беше отфрлено од албанските судови. Следното рочиште на судот за корупција, каде Белери е на судење со обвинувања за купување гласови, ќе се одржи на 22 ноември, но во меѓувреме се очекува да се закаже ново сослушување за специјален отпуст за да може да положи заклетва.