Првиот брод со украинското жито исплови утрово од пристаништето на Одеса, објави турското министерство за одбрана, десетина дена откако Русија и Украина потпишаа договор за извоз. Товарниот брод, кој плови под знамето на Сиера Леоне, тргнал за Либан и според Обединетите нации, превезува 26.000 тони пченка.
„Се очекува бродот утре да пристигне во Истанбул, каде што ќе се изврши негова проверка, пред да го продолжи патот“, соопшти министерството.
Крајната цел на бродот е Либан, кој се наоѓа среде најголемата финансиска криза во последните 150 години.
„Украина, заедно со своите партнери, денеска го прави првиот чекор за спречување на глад во светот. Ова исто така ќе ѝ помогне на Украина. Одблокирањето на пристаништата ќе ѝ донесе најмалку една милијарда евра на економијата“, изјави украинскиот министер за земјоделство, Александар Кубраков.
Турција кажа дека и други бродови наскоро ќе испловат од Украина, согласно договорот за отворање безбедни коридори потпишан на 22 јули.