Поголема група цивили која беше евакуирана од Мариупол пристигна на релативно безбедно подрачје во Запорожје, поминувајќи низ неколку контролни точки на 200 километри долгото патување. Меѓу евакуираните 127 луѓе се и 69 цивили кои со недели се криеле под челичарницата „Азовстал“, последно упориште на преостанатите украински борци во Мариупол.
„Од утро и преку цела ноќ бевме бомбардирани. Артилерија, ракети, авионски напади. Децата не можеа да спијат. Неколку пати губевме надеж дека некогаш ќе излеземе“, изјави Катерина, која беше дел од групата заедно со своите малолетни деца.
Бункерскиот систем каде што се кријат цивили и украински борци оригинално бил изграден од советските власти во 1930 година. Триесет и шест бункери се дизајнирани да можат да издржат и директен нуклеарен удар, а осум метри под површината се наоѓа и огромна мрежа на тунели.
Украинските војници ги добиле мапите од подземната мрежа и биле снабдени со храна на почетокот на руската инвазија на Украина на 24 февруари.
Ова е првпат успешно да е договорен хуманитарен коридор од „Азовстал“, каде што и натаму остануваат заглавени стотици цивили и непознат број украински борци, меѓу кои има и припадници на Азовскиот баталјон. Украинските власти велат дека Русите продолжиле жестоко да ја бомбардираат фабриката по денешната евакуација.