Владимир Путин од санитарни причини застана на значително растојание од 20-ина нови странски амбасадори во Русија, во сцена што потсети на пандемијата на коронавирусот. На церемонија во Кремљ, Путин ги прими акредитивите на новите амбасадори, меѓу кои и на Велика Британија, при што изрази надеж дека ќе се подобрат односите помеѓу Москва и Лондон.
„Да се надеваме дека ситуацијата ќе се промени на подобро во интерес на нашите земји и народи“, кажа Путин.
Новите амбасадори го слушаа говорот на Путин застанати на другата страна од големата просторија.
„За жал, од санитарни причини, не можеме повеќе да разговараме и да се дружиме. Се надевам дека ќе дојдат подобри времиња, не само во политиката, туку и во здравствената грижа“, изјави Путин.
За време на ковид-кризата, Путин се среќаваше со западните лидери на огромна маса, на која беа седнати на големо растојание.