Владимир Путин најави нови напади со експерименталната балистичка ракета со среден дострел откако Украина се пожали на тестирањето на оружјето способно да носи нуклеарни бомби на нејзина територија и го нарече „меѓународно злосторство“.
Зборувајќи на конференција, рускиот претседател ги отфрли тврдењата на САД дека Русија поседува само неколку вакви ракети, велејќи дека руската војска има доволно ракети за да продолжи да ги тестира во воени услови и дека ќе ги стави во сериско производство.
„Тестовите беа успешни и можам да ви честитам на сите за тоа. Како што беше кажано веќе, ние ќе продолжиме со овие тестови, вклучувајќи во воени услови, во зависност од ситуацијата и природата на заканите по руската безбедност, посебно земајќи предвид дека имаме доволно вакви ракети во залиха“, кажа Путин.
На истата конференција, командантот на руските стратешки сили Сергеј Каракајев кажа дека ракетите можат да погодат цели ширум Европа.
„Во зависност од целите и дострелот на ова оружје, може да погоди цели низ целата територија на Европа, што го прави различно од другите типови на оружја со долг дострел“, кажа тој.
Русија ја употреби новата ракета, за која што САД велат дека е модифициран дизајн базиран на интерконтиненталната балистичка ракета РС-26 Рубеж, против фабрика за ракети во украинскиот град Днипро. И Путин и САД велат дека ракетата може да носи нуклеарни боеви глави.