Владимир Путин веројатно нема да потклекне пред американскиот ултиматум да ја заврши војната во Украина до 8 август и планира да ја оствари својата цел за целосно заземање на четири украински региони, изјавија извори од Кремљ за „Ројтерс“.
Трамп се закани дека ќе воведе нови санкции за Русија, како и царини од 100% за земјите кои купуваат нафта од неа, ако Путин не прифати прекин на огнот со Украина. Неговиот десетдневен ултиматум истекува в петок.
„Решителноста на Путин да продолжи со војната е поттикната од неговото верување дека Русија победува и од скептицизмот дека нови американски санкции ќе имаат големо влијание. Тој не сака да го налути Трамп и сфаќа дека можеби ја отфрла шансата да ги подобри односите со Вашингтон и западот, но неговите воени цели имаат предност“, велат два извора.
Еден извор кажа дека Путин сака целосно да ги освои регионите Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон, кои ги смета за руски и ги анектираше во 2022, а дури потоа би преговарал за мировен договор.
„Тековните преговори беа обид на Москва да го убеди Трамп дека Путин не го отфрла мирот. Сепак, тие беа лишени од вистинска содржина“, рекол еден извор.
Русија вели дека е сериозна дека сака долгорочен мир, но процесот бил комплициран бидејќи ставовите на двете страни се премногу оддалечени. Меѓу барањата на Москва се целосно повлекување на Украина од четирите региони, неутрален статус на земјата и ограничување на големината на нејзината војска.
Специјалниот пратеник на Трамп, Стив Виткоф, неделава пак ќе ја посети Русија, додека се заострува реториката помеѓу Вашингтон и Москва.
„Заканата со санкции на Трамп беше болна и непријатна, но не и катастрофа. Во Москва постои чувство дека нема многу повеќе што можат да ни направат. Тешко е да се верува и дека Кина ќе престане да купува руска нафта по наредба од Трамп“, кажа еден извор од Кремљ.