Владимир Путин објави делумна мобилизација во Русија во своето прво обраќање до нацијата од почетокот на инвазијата на Украина во февруари. Тој кажа дека целта на западот е да ја уништи Русија и дека се обидува да го претвори украинскиот народ во топовско месо.
„Нашата цел е ослободување на Донбас. Западот покажа дека не сака мир помеѓу Украина и Русија“, изјави Путин.
Тој додаде дека ќе им даде легален статус на сите доброволци кои се борат во Донбас.
„Неопходно е да се преземат итни мерки за заштита на нашиот народ на ослободените територии. Затоа побарав од министерството за одбрана да прогласи делумна мобилизација. Одлуката се однесува само на граѓаните кои се воени резервисти, на оние кои служеле во армијата. Указот е веќе потпишан и мобилизацијата почнува денеска. Сите граѓани кои ќе бидат мобилизирани ќе добијат полн статус на вооружените сили. Ова не е блеф. Територијалниот интегритет, независноста и слободата на нашата татковина ќе бидат осигурани со сите средства со кои што располагаме“, кажа Путин.
- ЌЕ БИДАТ ПОВИКАНИ 300.000 РЕЗЕРВИСТИ, КАЖА РУСКИОТ МИНИСТЕР ЗА ОДБРАНА ШОЈГУ
- МОБИЛИЗАЦИЈАТА БЕШЕ ПРЕДВИДЛИВ ПОТЕГ И ГИ ПОКАЖУВА РУСКИТЕ ВОЕНИ НЕУСПЕСИ, ВЕЛИ КИЕВ
Тој истовремено ги поддржа најавените референдуми за анексија во окупираните украински региони Луганск, Доњецк, Херсон и Запорожје, од кои некои треба да почнат уште в петок.
„Луѓето кои живеат во тие области не сакаат да бидат угнетувани од неонацистите“, порача рускиот лидер.
Најавите за референдуми уследија по неколкумесечниот застој во руската инвазија, додека украинската војска за краток период почна две противофанзиви и го ослободи целиот североисточен регион Харкив и навлезе на територијата на окупираниот Луганск.