Прорускиот евроскептик Румен Радев вети дека ќе ги намали цените и дека ќе поврати стабилност во Бугарија, откако денеска го објави составот на својата влада по добивањето на мандатот од претседателката Илијана Јотова.
Неговата партија Прогресивна Бугарија, основана пред само неколку месеци, освои 44,6% гласови на изборите на 19 април, што му обезбеди мнозинство во парламентот. Убедливата победа на Радев овозможи формирање еднопартиска влада во Бугарија за првпат по речиси три децении.
Тој ја назначи Велислава Петрова-Чамова за министерка за надворешни работи, а Галаб Донев за министер за финансии.
„Ќе го смениме трендот на вртоглаво зголемување на цените и ќе ја вратиме стабилноста со нов Врховен судски совет и неговиот инспекторат. Ќе ги апсорбираме плаќањата што ни се должат според Планот за закрепнување и отпорност“, кажа Радев, осврнувајќи се на стотиците милиони евра задржани од Европската комисија, првенствено поради доцнење на антикорупциското законодавство и судските реформи.
Се очекува новата влада утре да биде одобрена во парламентот.



