Веќе екстремно нискиот водостој на реката Рајна во германската покраина Северна Рајна-Вестфалија достигна рекордно ниско ниво во Келн, покажаа податоците од регионалната Канцеларија за водни патишта и превоз.
„Ова само ќе се влошува. Тешко можете да верувате во она што го гледате“, рече Мориц Акст, портпарол на канцеларијата.
Се очекува историскиот минимум од 56 сантиметри да падне на 54 сантиметри денеска, а до петокот вечер да достигне 47 сантиметри. Бродовите можат да продолжат да пловат, но само со ограничен товар.
„Благ пораст на нивоата се очекува следната недела, но тоа сè уште не значи никакво олеснување“, додаде Акст.
Министерот за транспорт Штефен Билгер засега не гледа брз крај на прекините во внатрешниот превоз поради сушата, велејќи дека ситуацијата со нискиот водостој веројатно ќе продолжи во текот на целиот август.



