Сирискиот град Алеп, разурнат од 11-годишната граѓанска војна, е меѓу областите најтешко погодени од катастрофалниот земјотрес, кој исто така опустоши делови од јужна Турција. Над 1.000 луѓе се загинати досега во северна Сирија од земјотресот, според одделни податоци на сириската влада и спасувачката група „Бели шлемови“, која оперира во областите под контрола на бунтовниците.
Портпаролот на Белите шлемови ја опиша северозападна Сирија како „област на катастрофа“ и рече дека цели семејства се заробени под урнатините. Спасувачките тимови за итни случаи соопштија дека многу згради се оштетени или уништени и дека луѓето остануваат заробени под урнатините.
Регионот е дом на милиони бегалци раселени поради граѓанската војна. Контролата на северна Сирија е поделена меѓу владата, силите предводени од Курдите и другите бунтовнички групи. Тие и понатаму се во конфликт.
Дури и пред земјотресот, ситуацијата во поголемиот дел од регионот беше критична, со голем студ, распадната инфраструктура и епидемија на колера што предизвика беда за многумина од оние што живеат таму.
Земјотресот со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала се случи во 04:17 часот по локално време на длабочина од 17,9 километри во близина на турскиот град Газиантеп. Дванаесет часа подоцна, вториот земјотрес, кој беше речиси исто толку голем, се случи на 130 километри на север.
Сириската влада повика на меѓународна помош – апелирајќи конкретно до земјите-членки на Обединетите нации, Меѓународниот комитет на Црвениот крст и другите хуманитарни групи. Сепак,ги отфрлила тврдењата дека побарала помош од Израел. Двете земји се уште технички се во војна и во моментов немаат никакви дипломатски односи.
Десетици други земји ветија помош, вклучувајќи ги Обединетите Арапски Емирати, Кувајт и Катар. ОН соопштија дека имаат тимови на терен кои ја проценуваат ситуацијата и обезбедуваат помош. Русија, која веќе има воено присуство во Сирија поради учеството во граѓанската војна на страната на владата, исто така вети поддршка.