Минатата година, во Германија живееле 20,2 милиона луѓе кои сами се доселиле во земјата или двајцата родители им се имигранти, што е 6,5% повеќе отколку во 2021, велат новите податоци на Сојузниот завод за статистика. На тој начин, процентот на доселениците од првата и втората генерација во вкупното население се зголемил на 24,3%.
Овие податоци произлегуваат од најновиот микро-попис на населението, кој за разлика од големиот попис, се спроведува во пократки временски интервали и на помал примерок.
Најновите бројки покажуваат дека околу три четвртини од 20,2 милиона доселеници лично дошле во Германија од 1950 година, а 4,9 милиони се нивни директни потомци.
Во последните десет години, најмногу имигранти дошле од Сирија, па следуваат Романија и Полска. Според податоците од крајот на 2021, во Германија живееле речиси 900.000 доселеници од Хрватска, Србија и БиХ.
Ако се земат предвид и доселениците кај кои еден од родителите не е роден Германец, тогаш процентот на населението со мигрантско потекло се зголемува на 28,7%, односно на 23,8 милиони.